26 јануари 2026
• од Вардарски
Крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари најави дека ќе го оспори проектот „Безбеден град“ пред Уставниот суд, оценувајќи дека начинот на неговата примена е селективен, правно проблематичен и дискриминаторски, особено во однос на правата на граѓаните Албанци.
Од ова политичко крило остро реагираат на спроведувањето на проектот од страна на владејачката коалиција ВМРО–ВЛЕН–Левица, наведувајќи дека не се почитува Законот за употреба на јазиците и дека институционалната комуникација, вклучително и известувањата и санкциите кои произлегуваат од системот „Безбеден град“, не се обезбедени на албански јазик.
Според Алијансата на Таравари, ваквата практика претставува директно кршење на уставните принципи и на законската рамка врз која се темели мултиетничкиот карактер на државата. Тие потенцираат дека институциите имаат обврска да обезбедат еднаков, недискриминаторски пристап кон сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
Покрај јазичните прашања, од партијата укажуваат и на сериозни социјални и економски последици од примената на проектот. Според нив, висината на казните и нискиот праг на толеранција создаваат непропорционален финансиски притисок врз семејствата, поради што бараат итно преиспитување на казнената политика во рамки на системот за сообраќајна безбедност.
Дополнителен проблем, како што наведуваат, е селективната примена на „Безбеден град“ само во одредени градови, што, според нив, претставува неправеден и дискриминаторски пристап. Токму поради овие причини, крилото на Алијансата за Албанците најавува дека ќе го оспори Законот за прекршоци пред Уставниот суд, со цел заштита на граѓанските права и обезбедување еднаквост пред законот.
Во меѓувреме, надлежните институции ги финализираат подготовките за официјалното пуштање во употреба на системот „Безбеден град“. Денеска беше извршено тестирање и верификација на радарите и камерите во скопската населба Автокоманда, на излезот од градот кој со години важи за една од најризичните сообраќајни точки. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека утврдените отстапувања се минимални и дека системот е целосно подготвен за ставање во функција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

