Арбен Таравари: Никогаш не сум бил лаком за власт
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку искрена и одмерена објава на Фејсбук испрати силна порака до јавноста – дека власта никогаш не била негова лична цел, туку средство за општо добро. „Никогаш не сум чувствувал лакомост за власт“, напиша тој, признавајќи притоа дека „е тешко да ѝ се одолее“. Но, токму затоа, додава, политиката треба да остане чесна, чиста и насочена кон народот.
„За мене, политиката отсекогаш била и ќе остане едноставна формула: што правиме за народот, а не што правиме за себе и за тесниот круг околу нас“, порача Таравари во објавата, која ја пренесе и ТВ Алсат.
Тој остро се осврна на, како што го нарече, „системот кој ја парализираше нашата заедница“, повикувајќи на целосно напуштање на таквите модели на однесување. „Категорично не смееме да го повториме“, предупреди Таравари, нагласувајќи дека проблемите не се само во поединци, туку во цели групации и во вкоренетиот менталитет.
Апелирајќи за суштинска и длабинска промена во политичкиот пристап, тој посочи на опасноста од задржување на истите навики и шеми: „Можеме да останеме со истите имиња, но мора да го смениме менталитетот. Инаку, повторно ќе паднеме во кругот на незаслужени придобивки – што поедноставено значи дека ќе го потпираме нашиот грбник врз грбот на народот.“
Со оваа порака, Таравари уште еднаш ги потврдува своите заложби за транспарентна, одговорна и хумана политика, која не служи на лични интереси, туку ја следи единствената вистинска цел – доброто на сите граѓани.