01 мај 2025
• од Вардарски
Северна Македонија се наоѓа на дното на листата на земји од Западен Балкан според проекциите за економски раст за 2025 година, алармираше пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција. Повод за ваквата загриженост е најновата анализа на Светската банка, според која се намалени очекувањата за растот на македонската економија.
Светската банка ја ревидираше својата претходна проекција од 3,0% за 2025 година на 2,6%, а за 2026 година од 3,2% на 2,7%. За 2027 година, се очекува умерен раст од 2,8%. „Овие проекции не се резултат на политички наратив, туку на реални економски индикатори. Светската банка не се занимава со реторика – ова е сериозен сигнал кој не смееме да го игнорираме“, изјави Битиќи.
Осврнувајќи се на регионалниот контекст, тој нагласи дека нашата земја има најниска стапка на раст во регионот за 2025 година, под просекот од 3,2% за Западен Балкан. Според него, ваквиот резултат е последица на неефикасни економски политики, проширен фискален дефицит, нарушена трговска позиција и забавено закрепнување.
Дополнителен аларм е инфлацискиот притисок во земјата. И покрај номиналното забавување на инфлацијата, постојат силни домашни ценовни притисоци кои, според Битиќи, се закана за куповната моќ на граѓаните. Овие фактори, како што истакна, ја намалуваат можноста за брзо и стабилно економско закрепнување.
Макроекономските показатели не нудат оптимизам – индустриското производство, еден од главните индикатори на економската активност, се соочува со нестабилност. По континуираниот пад од септември до декември 2024 година, минималниот раст од 1,4% во јануари беше проследен со нов пад од -0,8% во февруари. Овие флуктуации, според Битиќи, укажуваат на недостиг од предвидливост и недостаток на стимулативна економска политика.
Дополнителен проблем е ликвидноста на компаниите. Битиќи предупреди дека доцнењата во повратот на ДДВ и исплатите на договорните обврски од страна на државата ги ставаат фирмите во ризична позиција. Во некои случаи, чекањето за наплата од државата трае дури и до девет месеци.
Во врска со унгарскиот кредит од 500 милиони евра, Битиќи нагласува дека средствата – иако наменети за поддршка на приватниот сектор и општините – не се рефлектираат во економските показатели. Инвестициската активност, која требаше да биде поттикната со овие средства, сè уште не се случува.
Реализацијата на капиталните инвестиции, според него, е разочарувачка – само 13,55% на централно ниво и околу 3% кај општините до крајот на април. Во некои случаи, реализацијата е под 1%. „Под вакви услови, очекувањата за раст од над 3% на БДП се неосновани. Без продуктивни јавни и приватни инвестиции, економскиот раст е невозможен“, потенцираше тој.
Битиќи заклучи дека не станува збор за тоа дали проекциите на Светската банка се точни, туку дали сме подготвени да се соочиме со реалноста. „Фактите велат дека тековната економска политика не обезбедува основа за здрав и одржлив раст. Владините очекувања се повисоки од реалните капацитети – и тоа е клучниот проблем“, истакна тој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

