07 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Додека Владите на Србија, Албанија и Бугарија носат конкретни одлуки за зголемување на минималната плата од 1 јануари 2025 година, македонските работници ќе треба да почекаат најмалку уште една година и пол.
Во Србија, минималната плата ќе изнесува 64.554 динари, односно околу 551 евро, а во Албанија 50.000 леки, што е приближно 515 евра. И во двете земји ова зголемување ќе стапи на сила од почетокот на следната година.
Во Бугарија, пак, Владата веќе го потврди новото покачување: од 1 јануари 2025 година, минималната плата се зголемува од 933 на 1.077 лева, што е околу 551 евро. Министерството за труд и социјална политика најави и дополнително зголемување за 2026 година – минималната плата да достигне 1.213 лева (околу 620 евра).
Во Македонија, Владата и работодавачите не покажуваат подготвеност за итно зголемување на минималната плата. Според законските одредби, следното усогласување е предвидено за март 2026 година. Тоа значи дека македонските работници ќе продолжат да живеат со истите примања и во текот на 2025 година, и покрај постојаното зголемување на трошоците за живот.
„Очигледно е дека минималната плата нема да се зголеми ниту пред изборите, ниту пред Нова година. Работниците повторно ќе чекаат законско усогласување во март. Но мора да се нагласи дека тоа не е вистинско зголемување на платите, туку само усогласување со трошоците за живот и просечната плата,“ изјави за Локално Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Поради ваквиот застој, ССМ организираше 22 протести, барајќи од Владата итна интервенција и зголемување на минималната плата уште пред изборите, но без резултат.
Додека Србија, Албанија и Бугарија го зголемуваат минималецот и настојуваат да го следат растот на трошоците за живот, Македонија останува единствена земја во регионот без конкретна мерка за 2025 година.
Разликата меѓу македонската минимална плата и таа во соседните држави веќе надминува 100 евра, што, според синдикатите, ќе доведе до нов бран иселување на млади и квалификувани работници.
„Инфлацијата веќе ги поништи ефектите од последното зголемување. Без нова интервенција, стандардот на најсиромашните ќе продолжи да паѓа,“ предупредува Пешевски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден