29 март 2025
• од Вардарски
Јован Николов, правник и Македонец со бугарска самосвест, во интервју за бугарскиот медиум „ФАКТИ“ зборува отворено за актуелните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, за јазикот на омраза кој сè повеќе добива простор во јавниот дискурс, како и за состојбата со македонските граѓани кои поседуваат бугарски пасоши, но во јавноста отворено ја навредуваат државата од која добиле државјанство.
Николов укажува на парадокс: „Сведоци сме на засилена агресија кон Бугарија откако Софија го тргна ветото за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија. Очекувавме подобрување, а добивме уште поголема омраза.“ Според него, изворот на тој говор се наоѓа кај јавни личности: политичари, новинари, уметници, дури и медиумски водители.
„На социјалните мрежи е секојдневна појава да се пцуе и навредува сè што е бугарско. Иронично е, бидејќи истата таа Бугарија прва ја призна независноста на Македонија – и знамето, и името, и химната.“
Николов вели дека ја поддржува иницијативата за одземање на бугарското државјанство на оние граѓани кои, иако го стекнале, користат говор на омраза против Бугарија. „Сметам дека е крајно време Бугарија да ги идентификува сите носители на нејзино државјанство во Северна Македонија – не само бројката, туку и имињата на познати личности и политичари кои во јавноста ја навредуваат државата од која добиле пасош.“
Како пример за растечката нетрпеливост, Николов го наведува случајот со Християн Пендиков, кој беше физички нападнат поради неговата бугарска самосвест. „Нема никаква заштита за луѓето со бугарска самосвест. Државата не презема ништо – дури и кога се добиваат директни закани по живот.“
Случајот со пејачот Ламбе, кој го запали клубот „Иван Михајлов“ во Битола, завршил со условна казна. „Кога нема санкции, омразата само расте“, вели Николов.
Николов го осудува политизирањето на историјата. „Во 21-от век расправаме за тоа каков бил Гоце Делчев? Па ќе дојдеме и до цар Самоил и Даме Груев. Наместо тие личности да нè обединуваат, тие се користат за создавање поделби.“
Тој повикува на користење на сите извори – не само бугарски, туку и српски – кои, според него, јасно покажуваат дека македонските револуционери се идентификувале како Бугари.
Вписот на Бугарите во македонскиот Устав е предуслов за почеток на реалните преговори со ЕУ. Но Николов е скептичен: „Со ова парламентарно мнозинство, нема шанси да се соберат 80 пратеници за уставни измени.“ Според него, политичката волја се губи по падот на Зоран Заев од власт.
Анкетите покажуваат дека македонските граѓани стануваат се’ повеќе евроскептични – особено Македонците и Србите, за разлика од Албанците кои се про-ЕУ и про-НАТО. „Ова покажува дека српското и руското влијание во земјата се сè уште многу силни“, истакнува Николов.
Николов завршува со апел до бугарската држава: „Има членови во бугарското законодавство што дозволуваат санкции за граѓани кои работат против државните интереси. Време е тие да почнат да се применуваат. Време е да се каже вистината – колку граѓани од Северна Македонија имаат бугарски пасош, кои се тие и дали од нив некои се јавни личности кои потоа зборуваат за Бугари како „татари“, „монголи“ и слично.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден
