05 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
На заеднички брифинг со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, бугарскиот премиер Росен Жељазков ја повтори позицијата на Софија дека Република Северна Македонија може да напредува кон Европската Унија само преку целосно спроведување на договорите од Европскиот консензус од јули 2022 година – без можност за нивна ревизија.
Жељазков потсети дека бугарските влади на Бојко Борисов успешно соработувале со владите на РСМ предводени од Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Во тој период беше потпишан и Договорот за добрососедство, кој претставува темел за билатералните односи и за европската перспектива на Скопје.
„Беше пронајден начин што овозможи РСМ и другите балкански држави да напредуваат во процесот на пристапување врз основа на сопствени заслуги“, нагласи бугарскиот премиер, потсетувајќи дека компромисниот француски предлог беше одобрен и од Советот на ЕУ и од бугарскиот парламент.
Премиерот истакна дека Народното собрание годинава ја потврдило официјалната позиција на Софија – дека нема да се бараат нови дополнителни услови од Македонија. Тој оцени како „неоправдано“ поднесувањето жалби пред Уставниот суд на Македонија против протоколот кон Договорот за добрососедство, бидејќи тој протокол е составен дел од европскиот консензус.
„Се надеваме дека јазикот на омраза ќе исчезне и дека ќе се почитуваат правата на бугарското малцинство, вклучително и нивно внесување во Уставот на РСМ – што е предуслов за продолжување на европскиот пат,“ изјави Жељазков.
Жељазков нагласи дека Бугарија, уште од своето претседателство со ЕУ, инсистира проширувањето кон Западен Балкан да остане приоритет, бидејќи тоа гарантира стабилност и просперитет во регионот.
Во однос на европските институции, премиерот предупреди дека воведувањето на одлучување со квалификувано мнозинство за надворешната политика и проширувањето би ја ослабнало Унијата. „Само преку консензус може да се зачува довербата во ефикасноста на одлуките,“ подвлече тој.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, исто така потсети дека уште во 2022 година ЕУ ги усвоила условите за пристапување на Северна Македонија и порача дека тие мора целосно да се исполнат за да се напредува во преговорите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

