17 јули 2026
• од Темелко Тошев
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) упати остри критики кон актуелната влада предводена од Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за целосно уништување на животниот стандард и економско исцрпување на граѓаните во изминатите две години.
На денешната прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветановски, презентираше загрижувачки податоци базирани на анализи од Управата за јавни приходи (УЈП) за 2025 година, кои според партијата ја отсликуваат реалната сиромаштија во земјата.
„Податоците покажуваат дека дури 73% од граѓаните имаат плата под месечниот просек во државата. Дури половина, односно 50% од вработените, земале плата меѓу 24.000 и 36.000 денари“, истакна Цветановски пред новинарите.
Според неа, доколку овие примања се споредат со актуелната минимална потрошувачка кошничка која достигна 70.000 денари, јасно е дека на половина од вработените ниту две плати не им се доволни за покривање на основните месечни трошоци.
Од опозициската партија алармираат дека македонските работници имаат најниски плати во Европа и едвај врзуваат крај со крај. Цветановски обвини дека платите воопшто не го следат галопирачкиот раст на цените.
На крајот од своето обраќање, Цветановски предупреди дека економската криза не стивнува, а најновите поскапувања на горивата претставуваат само увертира во нов бран на покачување на цените на храната.
„Со Мицкоски животниот стандард е срозен, економски колапс чука на вратата додека власта се богати на грбот на народот. Денес, богато и финансиски добро стојат само Мицкоски и неговата партија“, заклучи Цветановски, додавајќи дека граѓаните денес живеат многу полошо отколку пред две години.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

