21 јули 2026
• од Темелко Тошев
Откако Обвинителството отвори истрага против тројца раководители на ЈП „Комуналец“ поради сомнение за контаминација на водоводната мрежа, познатиот епидемиолог предупредува дека покрај лоцирањето на кривичната одговорност, мора да се истражат и системските пропусти.
Македонскиот епидемиолог д-р Драган Даниловски преку својот Фејсбук профил објави опсежна анализа за епидемијата во Гостивар, непосредно откако Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против тројца раководни лица во јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар.
Според наводите на Обвинителството, постои основано сомнение дека при тестирање на притисокот во градскиот водоводен систем, биле употребени потопни пумпи со кои вода од отворен канал била директно внесена во мрежата за водоснабдување. Оваа постапка довела до мешање на површинската вода со водата за пиење, при што анализите покажале значително зголемени вредности на колиформни бактерии и други микробиолошки показатели.
Како што истакнува д-р Даниловски во својата анализа, овие нови сознанија од истрагата за првпат нудат конкретен и биолошки веројатен механизам преку кој загадената вода навлегла во мрежата. Со ова значително се зајакнува хипотезата дека во Гостивар станува збор за хидрична епидемија.
Сепак, епидемиологот потенцира дека истрагата сè уште не е целосно затворена и дека точниот причинител на заболувањата кај граѓаните не е конечно потврден. За да се расветли случајот до самиот крај, неопходни се дополнителни микробиолошки и епидемиолошки анализи кај заболените, детални проверки на целата водоводна мрежа и целосна реконструкција на текот на епидемијата.
Во своето обраќање, д-р Даниловски прави јасна разлика помеѓу епидемиолошката и кривичната постапка. Додека епидемиологијата има за цел да го утврди начинот на ширење на заразата и причинско-последичниот синџир на настани, обвинителската истрага е насочена кон тоа да покаже дали постои кривична одговорност и кој евентуално треба да ја сноси.
Но, неговото најголемо предупредување е дека овој скандал не смее да се затвори само со лоцирање вина кај неколкумина.
„Неопходно е да се анализираат и евентуалните системски пропусти – процедурите за управување со водоснабдителниот систем, санитарниот надзор, контролата на ризиците, координацијата меѓу институциите и навременото информирање на јавноста“, дециден е Даниловски.
Заклучокот на професорот е јасен: новите информации ја потврдуваат веројатноста дека контаминацијата на водата е клучниот фактор за појавата на епидемијата, но за вакви загрозувања на јавното здравје никогаш повеќе да не се повторат, конечните заклучоци мора да се темелат на целосно завршена истрага и независна стручна анализа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

