10 април 2025
• од Вардарски
На денешен ден, православната Црква со благодарност и почит го прославува споменот на преподобниот маченик Евстратиј Печерски, светител кој со својот живот и страдание посведочи вистинска љубов кон Христа и цврста вера, посилна од стравот, гладот и смртта.
Свети Евстратиј беше човек со големо богатство, но уште поголемо срце. Заљубен во Бога, сиот свој имот го раздаде на сиромашните и се замонаши во славниот Печерски манастир во Киев. Се предаде на подвиг, молитва и пост, живеејќи во смирение и целосна посветеност на духовниот живот.
Во 1097 година, за време на инвазијата на Половците, манастирот беше ограбен, многу монаси убиени, а Евстратиј, заедно со неколку браќа, беше одведен во ропство. Ги продадоа на Евреин во градот Корсун, кој со подбив зборуваше за христијанството и се обидуваше да ги присили да ја напуштат својата вера.
Свети Евстратиј и другите заробени христијани одлучија да се умртват себеси со глад, но од Христа да не се одречат. Еден по еден умираа – некои по три дена, некои по седум. Евстратиј, навикнат на строг пост, преживеа четиринаесет дена без храна, секој ден охрабрувајќи ги браќата со зборови на утеха и надеж.
Тогашниот господар, бесен што ги изгубил своите робови, го прикова Светиот Евстратиј на крст. Но, дури и на крстот, маченикот не престана да Му благодари на Бога и со пророчка сила му ја најави на својот мачител неговата брза и страшна смрт. Евреинот го прободе со копје, и така Евстратиј Му ја предаде својата света душа на Господ.
Телото му било фрлено во морето, но Бог го прослави Својот слуга – телото исплива и над него почнаа да се случуваат чуда. За неговото мачеништво дозна и византискиот цар, кој заповеда строго да бидат казнети гонителите на христијаните во Корсун. Мачителот на Свети Евстратиј бил обесен на дрво, како што прорече светителот.
Денес, неговиот подвиг е светол пример на љубовта што не познава граници, на верата што не отстапува и на смирението што не се плаши ниту од крстот.
Свети Евстратиј Печерски, моли Го Бога за нас!
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

