18 февруари 2025
• од Вардарски
Светата маченичка Теодула
Пострада за Христа во времето на нечестивиот римски цар Диоклецијан. При мачењето Теодула го вразуми еден од мачителите, Еладиј, и го приведе кон Христовата вера. Кога Еладиј јавно ја исповеда својата вера во Христа, го убија со меч. На судот Теодула се држеше многу храбро, а за ова судијата ја нарекуваше безумна. Затоа Теодула му рече: „Безумни сте вие што Го заборавивте единствениот вистинит Бог, а им се поклонувате на мртвите камења“. Судијата ја подложи на тешки маки, а нив Теодула ги издржа храбро и со оваа храброст во маките многумина ги восхити и ги обрати кон Христа. Меѓу нив беа и двајца угледни граѓани, Макариј и Евагриј. Нив двајцата и мнозина други ги фрлија заедно со Света Теодула во усвитена печка. Така го завршија земниот живот и се удостоија со Христовото царство.
Тропар
Славејќи ја победата на животот над смртта, блажена маченичке Теодуло, ја разреши гордоста демонска, и сите нe поучи да се надеваме на Бога. Денес, утврдени од радоста твоја во Христа, те молиме твоите молитви да ни бидат сопатници, на патот до Небесното Царство.
Свети Полиевкт, патријарх Цариградски
Заради неговиот висок ум, набожна ревност и чесноговорливост го нарекоа втор Златоуст. Во времето на патријархот Полиевкт и царот Константин Порфирогенит во Цариград дојде и руската кнегиња Олга и таму се крсти во 957 година. Патријархот ја крсти, а царот ѝ беше кум. Свети Полиевкт пророчки ѝ рече: „Благословена си ти меѓу руските жени, зашто ја засака светлината и ја отфрли темнината, ќе те благословуваат синовите руски до последното колено“. Полиевкт беше земен за патријарх во 946 година и остана на патријаршискиот престол до смртта во 970 година.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

