Денеска го празнуваме Преподобен Јован Ветхопешчерник
Денес, на 2 мај, православната црква со почит го празнува споменот на Преподобен Јован Ветхопешчерник, голем подвижник и монах кој живеел во 8 век.
Преподобен Јован се подвизувал во т.н. Ветха Пешчера (Стара Пештера), што била дел од познатата Лавра на Харитон Велики во Палестина. Од својата млада возраст, тој со сето срце и со сета душа го возљубил Христа. Оваа љубов го водела да патува низ Светите места, барајќи духовни совети и поуки од светите луѓе што ги среќавал.
Најпосле, Јован се населил во пештерата на Харитон, каде што го посветил својот живот на строг подвиг. Деновите и годините ги минувал во пост, молитва и бдеење. Неговата мисла секогаш била насочена кон смртта – не како нешто страшно, туку како потсетник за смирение и подготовка за вечниот живот.
Кога му дојде часот, смртта го најде како добро созреан плод, подготвен за влез во Царството Божјо. Така Преподобен Јован се упокои во Господа и ја прими наградата за својот труд и вера.
Нека неговиот пример нè поттикне и нас да се трудиме во верата, во смирението и во љубовта кон Бога и ближните!