Денеска се празнува Светата маченичка Матрона
На 9 април православните христијани ја чествуваат Светата маченичка Матрона – една од оние кои преку својата длабока вера, трпение и љубов кон Христа сведочат за духовната сила што произлегува од вистинското предание и преданост.
Матрона била сиромашна девојка која служела како слугинка во домот на еден Евреин во Солун. И покрај својата понизна положба, таа поседувала големо духовно достоинство. Жената на Евреинот, гневна на нејзината христијанска вера, постојано ја исмејувала и наговарала да се одрече од Христа и да ја прифати јудејската вера. Но, кротката Матрона со тивко достоинство ја носела таа мака – без противење, молчешкум, тајно Му се молела на Господ Христос.
Судбината на Матрона се запечатила кога нејзината госпоѓа открила дека таа кришум оди во црква. Бесна, ја прашала зошто не оди во синагога, на што Матрона храбро одговорила: „Затоа што во христијанската црква живее Бог, а од еврејската синагога Он отстапи.“ Тој одговор ја разгневил жената, која веднаш ја затворила и врзала младата девојка во темна соба. Но, наредното утро, Матрона чудесно била најдена одврзана, на колена, како се моли. Ова ја разјарило уште повеќе нејзината мачителка, која повторно ја затворила и ја оставила без храна, сè додека девојката не го предала својот дух на Бога.
Злобната жена потоа го фрлила нејзиното тело од височината на својот дом, но христијаните со љубов и почит го прибрале и чесно го погребале. Местото на нејзиниот гроб наскоро станало извор на многу чуда, а епископот Александар изградил црква во нејзина чест.
Судбината на мачителката била исто толку поучна – токму од местото каде што го фрлила телото на Матрона, се лизнала, паднала на калдрмата и починала.
Светата Матрона останува пример за христијанска непоколебливост, тивка сила и вера што не се плаши ни од маки, ни од смрт. Нејзиниот тропар вели:
„Трпението твое, о, Матроно света, ангелите ги привлече,
смирението молитва ти подари,
љубовта кон Христа за Него те оневести,
моли се света маченице во подвигот до крај да истраеме,
и по твоите молитви свети од Него милост да добиеме.“
Нека нејзиниот живот и мачеништво ни бидат потсетник дека вистинската вера секогаш е жива, дури и кога светот ѝ се потсмева, и дека оние кои страдаат заради името Христово се прославени во вечноста.