24 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Денес православната црква го празнува споменот на Светиот маченик Евпл, ѓакон во градот Катана на Сицилија. Неговиот живот и подвиг се сведоштво за непоколебливата вера и љубов кон Христос, во време на страшни прогонства.
Во почетокот на IV век, за време на владеењето на царот Диоклецијан, христијаните биле подложени на сурови прогони. Во Сицилија бил испратен војводата Пентагур, со цел да ги открие и уништи оние малкумина христијани што се криеле од гонителите. Во тоа време, верните често тајно се собирале за молитва и читање на Светото Писмо.
Свети Евпл бил обвинет дека носи книга и ја чита на тајните собири на христијаните. Книгата што ја имал со себе било Светото Евангелие – извор на духовна сила и надеж. Кога бил изведен пред суд, незнабожците му ја обесиле книгата на вратот како подбив и го одвеле во затвор. Седум дена останал без храна, изложен на маки и лишувања.
Кога го извеле повторно на суд и почнале да го бијат со железни стапови, Евпл со храброст им се потсмеал на мачителите. На судијата му рекол:
„Безумнику, нели гледаш дека овие маки заради Божјата помош се како пајажина за мене? Ако можеш, пронајди други, потешки, зашто овие ми се како играчка.“
Неговата вера и непоколебливост предизвикале восхит кај многумина, а некои од присутните се обратиле во христијанската вера гледајќи ја неговата издржливост.
На крајот, Евпл бил изведен на губилиштето и погубен со меч. Со својата маченичка смрт во 304 година, тој се преселил во Царството Небесно како вистински сведок Христов. Неговите мошти, познати по чудотворност, и денес почиваат во село близу Неапол, каде што верниците му се поклонуваат со почит.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

