23 март 2025
• од Вардарски
На едно дождливо скопско попладне, стотина млади луѓе се собраа во Градскиот парк за да оддадат почит на жртвите од трагичниот пожар во Кочани. Настанот, организиран преку социјалните мрежи од страна на групата „Студентски пленум“, започна во 16:59 часот со едночасовен молк, без јавни изјави од присутните пред почетокот на тивкото собирање.
Организаторите, групата „Студентски пленум“ на Фејсбук, се разликуваат од оригиналниот Студентски пленум активен во 2014 година. Во текот на денот се појавија бројни шпекулации и деманти поврзани со протестите и барањата за одговорност поради трагедијата во Кочани, што дополнително ја усложни јавната дебата околу автентичноста и целите на организираните настани.
За утре се најавени уште два јавни собири. Независниот студентски сојуз на УКИМ ги повика студентите на пленум што ќе се одржи во 13 часот на платото пред Универзитетот. Попладне, во 18:59 часот, движењето „Кој е следен“ повикува на протест на Плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Контроверзиите се зголемија откако порталот Нетпрес објави видео снимка од ЗУМ состанок на кој се договарале активности поврзани со барање одговорност за пожарот. На снимката, како што се тврди, учествува и српска студентка поврзана со протестите во Белград. Дел од медиумите тоа го протолкуваа како обид кризата од Србија да се пренесе во Македонија, додека други коментираа дека се работи за обид на властите да ги замолчат критичките гласови.
Особено внимание привлече тоа што видеото започнува со логото на движењето „Кој е следен“, кое веднаш реагираше со демант. „Нашата иницијатива е граѓанска и нема намера да се вклучи во студентското организирање, ниту да го инструментализира“, соопштија од движењето, додавајќи дека логото било намерно вметнато за да се компромитира нивниот ангажман.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се прошири информација дека утрешниот студентски пленум пред Универзитетот е откажан поради наводни политички влијанија. Сепак, Независниот студентски сојуз категорично демантираше дека настанот е откажан, истакнувајќи дека пленумот ќе се одржи како што е планирано.
Настаните од изминатите денови покажуваат дека трагедијата во Кочани предизвика не само жалост, туку и пошироко општествено раздвижување. Дали и во кој правец тоа ќе се развива – останува да видиме.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

