Димитријевиќ: СДСМ бара тотална, неселектвина правда за Кочани
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ, во гостување во политичката емисија Трилинг истакна дека граѓаните и СДСМ заеднички стојат зад барањето за целосна, неселективна и правична истрага за трагичниот настан во Кочани.
„Бараме тотално неселективна правда за Кочани. Секој случај што е од интерес на јавноста треба да биде отворен и транспарентно истражен. Време е сите да се обединиме, надвор од партиски интереси и препукувања,“ порача Димитријевиќ.
Тој посочи дека средбата помеѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски е одраз на јасна волја и барање од граѓаните – потребата за системски промени и реформи во државата.
„По трагедијата во Кочани, се отвори едно болно, но важно прашање – нефункционалноста на системот. Средбата што ја побара претседателот Филипче беше директен одговор на гласот на народот: дека мора да седнеме на заедничка маса, да поставиме јасни цели и да изградиме патека по која ќе се движи државата,“ изјави Димитријевиќ.
Тој беше дециден дека станува збор за суштински, а не политички процес.
„Ова не е ниту политичко пазарење, ниту меѓупартиска калкулација. Граѓаните очекуваат вистински реформи во секој сегмент од општеството. Некои од тие промени ќе бидат болни, но неопходни – за конечно да изградиме систем кој функционира, штити и служи на сите еднакво,“ потенцираше генералниот секретар на СДСМ.
СДСМ, како што нагласи, останува доследна во заложбите за правда, одговорност и вистински институционални промени, водени од интересот на граѓаните.