06 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на заедничкото појавување на премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, за време на увидот во работите во училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Реакцијата доаѓа само еден ден по средбата на Мицкоски со српскиот премиер, за која, според ДУИ, деталите и постигнатите договори остануваат недостапни за јавноста.
Од ДУИ тврдат дека сè појасно се покажува вистинскиот карактер на движењето „ВЛЕН“, кое, според нив, не е ништо повеќе од албански огранок на ВМРО-ДПМНЕ. „Премиерот нема потреба да кандидира свои луѓе во Тетово, Чаир, Гостивар, Струга и други општини, бидејќи кандидатите на ВЛЕН се, всушност, негови политички претставници“, наведуваат од партијата на Али Ахмети.
ДУИ посочува дека поддршката на Мицкоски кон градоначалникот Касами не е случајна. „Никој подобро од Касами не би прифатил ‘српска донација’ за изградба на црквата во Тетово и реконструкција на училиштето ‘Кирил Пејчиновиќ’“, стои во реакцијата.
ДУИ предупредува дека јавноста сè уште не е запознаена со вистинската цел на оваа донација, ниту со можните политички или финансиски обврски кои, според нив, можеби произлегуваат од неа. „Транспарентноста е нула, додека сомнежите за надворешни влијанија се длабоки“, велат од партијата, посочувајќи дека ваквите постапки создаваат простор за сомнеж во мотивите на проектите и финансирањето.
„Наместо да им служи на граѓаните, градоначалникот Касами ги спроведува плановите на Мицкоски и на политиките на ‘српскиот свет’ кој се обидува да го прошири своето влијание преку сомнителни проекти“, се вели во соопштението.
ДУИ бара итни појаснувања за природата на договорот, изворот на средствата, нивната намена и вистинските корисници. „Граѓаните на Тетово заслужуваат отчетност и вистинска информација, а не политичка пропаганда“, завршува реакцијата на ДУИ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

