12 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Европската комисија побара објаснувања од македонските власти во врска со скандалот со европските пари наменети за земјоделците, потврдија од Брисел за телевизијата „24“. Од таму велат дека се свесни за ситуацијата и дека побарале дополнителни информации од Владата, но засега не откриваат повеќе детали.
„Свесни сме за ситуацијата и побаравме дополнителни информации од властите на Северна Македонија. Комисијата не може да даде дополнителни коментари во оваа фаза“, велат од Брисел.
Дипломатски извори не ја исклучуваат можноста во случајот да се вклучи и Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ). Ако се утврди злоупотреба на европски средства, државата би можела да биде обврзана да врати дел од парите на Европската Унија.
Во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија кон членството во ЕУ, во делот за кластерот 5 и поглавјето 11, Европската комисија потенцира дека државата треба да стави посебен фокус на мерките против корупција во рамките на ИПАРД-програмата.
„Во однос на мерките против корупција, телата на ИПАРД се обврзани да спречуваат, откриваат и пријавуваат неправилности“, стои во извештајот на ЕК.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека исплатата на средствата од ИПАРД-програмата е запрена на негово барање. Но, од опозициската СДСМ реагираа дека оваа изјава покажува непознавање на механизмот на европската програма за поддршка на земјоделството.
„Власта итно да одговори колку корисници имаат потпишано договори и имаат вложено свои средства. Што ќе преземе Владата за да ги заштити овие луѓе, бидејќи е јасно дека заради корупцијата на луѓето на Трипуновски и Мицкоски тие се оштетени?“, порачаа од СДСМ.
Од партијата предупредуваат дека ваквите суспензии може да траат од две до три години, а под прашање е дали ИПАРД-програмата ќе продолжи по овој скандал.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

