17 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Европската Унија очекува конкретни чекори, а не изговори од Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство. Ова е клучната порака што произлегува од „Заклучоците на Данското претседателство за проширувањето“, во кои Советот на ЕУ ја повторува поддршката за европската интеграција на земјава, но истовремено јасно укажува на обврските што мора да бидат исполнети.
Советот ја поздравува определбата на Северна Македонија за членство во ЕУ како стратешка цел и ја повикува Владата да ги интензивира реформите поврзани со пристапниот процес. Иако предлог-заклучоците не беа формално усвоени на Советот за општи работи поради блокадата од Унгарија за делот што се однесува на Украина, тие беа објавени од Данска како официјален став на актуелното претседателство со Унијата.
Во документот се нагласува посветеноста на ЕУ за постепена интеграција на Северна Македонија во внатрешниот пазар, особено преку засилено спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Позитивно се оценува и реализацијата на Планот за раст за Западниот Балкан, кој веќе носи конкретни придобивки за граѓаните, како и првите две исплати од Механизмот за реформи и раст. Советот ја охрабрува земјата да продолжи со спроведувањето на Реформската агенда.
Посебен акцент е ставен на добрососедските односи и регионалната соработка, кои се оценуваат како суштински за напредокот во процесот на проширување. Советот потсетува на потребата од видливи резултати и од доследно и добронамерно спроведување на билатералните договори, вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во рамките на Преговарачката рамка.
ЕУ високо ја оценува доследната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучително и примената на рестриктивните мерки. Ова, според Советот, е јасен сигнал за стратешката ориентација на земјата кон ЕУ. Дополнително, се поздравува активното учество на земјава во мисиите и операциите на ЕУ во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика.
Сепак, во заклучоците јасно се укажува дека Северна Македонија сè уште не ги спровела уставните измени на кои се обврзала. Советот ја потврдува подготвеноста за свикување на втората меѓувладина конференција и за отворање на Кластерот 1 – Основни вредности, веднаш штом ќе биде изменет Уставот, без дополнителни одложувања и политички условувања.
Советот бара брзи и решителни чекори за исполнување на критериумите од Кластерот 1, со фокус на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал. Се повикува и на усвојување нов Кривичен законик усогласен со европското законодавство и меѓународните стандарди.
Иако е нотирано одредено придвижување во реформата на јавната администрација, Советот смета дека се потребни поинтензивни напори за нејзина модернизација и зајакнување на административниот капацитет. Дополнително, властите се охрабруваат инклузивно да ги финализираат патоказите за демократските институции, јавната администрација и владеењето на правото, како и акцискиот план за заштита на правата на малцинствата и заедниците.
Во документот се истакнува потребата од понатамошно зајакнување на основните права, слободата на медиумите и слободата на изразување. Локалните избори се оценуваат како генерално конкурентни, но со одредени процедурални недостатоци, при што се нагласува неопходноста од изборни реформи во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.
Советот ја поздравува и соработката на Северна Македонија со Фронтекс во управувањето со границите, но повикува на подобрување на системите и процедурите за азил. Во економскиот дел, се оценува дека земјата има добро ниво на подготовка за функционална пазарна економија, но се бараат дополнителни структурни реформи за зголемување на конкурентноста во рамките на ЕУ.
Како позитивен пример се наведува напредокот на железничката врска по должината на Коридорот 8, кој се оценува како стратешки значаен проект, од кој се очекува ефикасна и навремена реализација.
Пораката од Брисел е јасна: поддршката постои, но од Северна Македонија се очекуваат дела, а не одложувања, доколку навистина сака да го забрза својот пат кон Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

