22 април 2025
• од Вардарски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, јасно посочи дека застојот во европските интеграции, конкретно поради неизвршувањето на обврската за внесување на Бугарите во Уставот, има сериозни финансиски последици за државата. Според него, ова блокирање на патот кон Европската Унија значи директно губење на милијарди евра поддршка од ЕУ фондовите.
„Станува збор за реална и мерлива загуба. Невнесувањето на Бугарите во Уставот ја држи земјата во чекалната на ЕУ и нè лишува од пристап до многу поголеми развојни фондови што ги користат земјите членки. Тоа не е само политичко прашање, туку и економска штета која се одразува врз сите граѓани,“ истакна Филипче.
Тој објасни дека во моментов Северна Македонија, како земја кандидат, има пристап само до ограничена поддршка преку ИПА инструментот. Во споредба, земји кои станале членки на ЕУ, како Бугарија и Романија, добиваат многукратно повеќе средства од европските развојни фондови.
„Од 2007 до 2013 имавме на располагање 4 милијарди евра и дополнителни 1,3 милијарди за прекугранична соработка. Во периодот 2017–2020, износот изнесуваше 4,2 милијарди плус 2,3 милијарди евра. Во истиот период, Бугарија и Романија добија вкупно 46 милијарди евра. Тоа се конкретни бројки што покажуваат што губиме поради застојот,“ нагласи тој.
Филипче предупреди дека за новиот период од 2024 до 2027 година, земји членки на ЕУ ќе добијат 41 милијарда евра, додека државите од Западен Балкан, меѓу кои е и Северна Македонија, ќе имаат на располагање само 7 до 8 милијарди евра заедно.
„Оваа разлика не може да се игнорира. Граѓаните треба да знаат дека политичката блокада на процесите директно влијае врз нивниот квалитет на живот, преку изгубени инвестиции во инфраструктура, образование, здравство и економски развој,“ додаде Филипче.
Тој заврши со порака за национално обединување околу прашањето на европската иднина на земјата: „Мораме да ја надминеме оваа пречка за доброто на идните генерации. Секој ден на застој значи изгубена можност за подобра иднина.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

