06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека економската реалност со која се соочуваат граѓаните е многу потешка од она што го прикажува актуелната власт. Во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, тој истакна дека работниците и семејствата се соочуваат со сериозни финансиски притисоци, додека владата не нуди конкретни мерки за подобрување на животниот стандард.
Филипче посочи дека голем број граѓани едвај ги покриваат основните трошоци за живот, а наместо решенија, од владата доаѓаат пораки кои, според него, не ја одразуваат реалната состојба. Тој го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека изјавите со кои им се советува на граѓаните да трошат помалку или да се откажат од одмор не претставуваат одговорна економска политика.
„Граѓаните не можат да преживеат, а наместо конкретни мерки слушаат пораки да јадат помалку или да не одат на одмор. Тоа не е одговор на реалните потреби на луѓето“, нагласи Филипче.
Тој истакна дека СДСМ предложила законски решенија за зголемување на минималната плата на 600 евра, базирани на економски анализи и искуства од претходните политики на партијата. Според него, тие предлози биле доставени уште во 2024 година, а повторно се актуелизирани и сега, но власта не ги прифатила.
Филипче објасни дека предлогот не се однесува само на зголемување на минималната плата, туку и на конкретни буџетски кратења кои би го овозможиле тоа. Според анализите на економскиот тим на СДСМ, постојат ставки во буџетот кои претставуваат луксуз, меѓу кои и набавка на владин авион.
„Предложивме од кои ставки во буџетот може да се скрати. Станува збор за расходи кои се луксуз во услови на економска криза. Наместо да се зголемат платите, се зборува за купување авион за владата, што покажува дека приоритетите се погрешно поставени“, рече Филипче.
Во интервјуто тој предупреди и дека платите стагнираат во повеќе сектори, вклучително и здравството и образованието. Според него, наместо раст на примањата и подобрување на условите за работа, владата се насочува кон нови задолжувања и спорни јавни набавки.
„Во здравството и образованието нема раст на платите, ништо не се менува. Додека буџетот се полни со кредити и задолжувања, парите се трошат преку тендери за фирми блиски до власта“, изјави Филипче.
Тој заклучи дека државата се соочува со сериозни економски предизвици, а според него, потребни се итни мерки за поддршка на работниците и за зголемување на платите, наместо политики кои дополнително го оптоваруваат буџетот и граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

