20 август 2026
• од Темелко Тошев
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави дека СДСМ повторно ќе го поднесе во Собранието предлог-законот за 600 евра минимална плата.
Филипче посочи дека и покрај фалењето на премиерот Мицкоски со наводни економски успеси и раст на платите, граѓаните реално не ги чувствуваат тие бројки, туку се соочуваат со растечки трошоци и се потешко ги покриваат основните потреби.
„Граѓаните не можат да се прелажат, тие бројките кои што премиерот ги кажува очигледно од светот во кој што само тој и неговата мала група на луѓе околу него живеат, граѓаните не ги чувствуваат, тие ги гледаат празните паричници и празните фрижидери. Ако е така како што кажува, дека сме трета, четврта економија во светот, ако добро и успешно се справуваат со инфлацијата, ако добро ги менаџираат финансиите, еве прва мерка, повторно, на почетокот на септември, откако ќе почне со работа Собранието, ќе го дадеме законот во Собранието и минималната плата ќе побараме да биде 600 евра“, рече Филипче.
Тој нагласи дека со минимална плата од 600 евра ќе им се овозможи на работниците да ги покријат основните трошоци, особено во период кога почнува учебната година и растат семејните расходи.
„Не 26.000 денари како што е сега, туку толку колку што им е потребно на луѓето да ги закрпат основните потреби, основните трошоци, посебно кога почнува школската година и кога трошоците за живот, за функционирање многу растат“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека паралелно мора да се зголемат и платите во повеќе сектори, по примерот на мерките кои Владата на СДСМ ги реализираше во првите две години од својот мандат.
„Освен тоа што ќе бараме зголемување на минималната плата на 600 евра, ќе побараме, а согласно тоа што ние го работевме и го остваривме во нашата Влада, зголемување на платите во повеќе сектори. Основните плати на специјалистите, лекарите во здравството, да се зголемат за 40% и исто толку проценти за вработените во образованието“, рече Филипче.
Филипче заклучи дека ова е конкретниот одговор на СДСМ на економските политики на премиерот Мицкоски и Владата, кои се фалат со статистики додека граѓаните се соочуваат со реално поскапување на животот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

