08 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Венко Филипче, на средба со земјоделци производители на зимска зелка во валандовското село Јосифово, најави дека СДСМ во наредниот период ќе предложи иницијатива во Собранието со цел да се надмине проблемот со откупот на зимската зелка.
Филипче истакна дека партијата ќе предложи конкретно решение за обезбедување соодветна откупна цена, со што би се помогнало на земјоделците кои, како што рече, во моментов се соочуваат со сериозни егзистенцијални предизвици.
„Свесни сме дека оваа власт нема да има слух да им помогне на овие земјоделци, како што немаше слух за лозарите и за грозјето. Во текот на следните недели ќе дадеме предлог во Собранието, да се постигне соодветна откупна цена на зимската зелка, поради тоа што овие земјоделци издржуваат семејства и сега практично се соочени со егзистенцијални проблеми“, изјави Филипче.
Тој додаде дека земјоделците се соочуваат со сериозен пад на откупната цена, што значително го отежнува нивното производство и опстанок.
„Земјоделците имаат огромен проблем со откупот на зимската зелка. Тие укажаа дека откупната цена која во времето на владата на СДСМ изнесувала помеѓу 25 и 30 денари за килограм, сега е само 6 до 8 денари, што е помалку и од производната цена на килограм зелка. Луѓето нема што да прават, нивните апели никој не ги слуша. Немаат пристап до Владата, ниту до Министерството за земјоделство“, рече Филипче.
Земјоделците од регионот на Валандово посочуваат дека поради ниските откупни цени производството на зелка станува економски неодржливо, и апелираат до институциите за итни мерки кои би помогнале во стабилизирање на пазарот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

