17 септември 2025
• од Гоце Кически
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера се обрати пред граѓаните во Свети Николе, испраќајќи силни критики кон владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери, но и повик за мобилизација пред претстојните локални избори.
Филипче оцени дека земјата е сведок на „хаос во институциите, тотална партизација и селективна правда“ и предупреди дека евроинтегративниот процес е целосно запрен.
„Што ќе бидеме ако продолжи ВМРО-ДПМНЕ и нивните сојузници без контрола да владеат? Ќе бидеме тешка периферија на Европа, Албанија ќе биде Европа за нас, ќе тонеме во сиромаштија и ќе имаме седум милијарди евра кредити за враќање,“ рече тој.
Како особено алармантен го посочи трендот на иселување на младите. Според него, примерот од Делчево е поразителен: „Во Делчево, 90 од 100 матуранти се запишале на факултет во Бугарија. Младите нема да ги враќаат кредитите на ДПМНЕ – тие ќе си заминат од земјата.“
Филипче истакна дека СДСМ ја гледа својата улога во враќање на надежта и довербата кај граѓаните преку силна и мотивирачка кампања. Тој најави борба за „чисти улици, безбедни и осветлени градови, функционални општини и локална самоуправа што ќе биде навистина отворена и инклузивна“.
„Сигурен сум дека нашите кандидати за градоначалници и советници ќе бидат луѓе кои ќе ги исполнат ветувањата – транспарентни, отворени и чесни кон граѓаните,“ порача лидерот на СДСМ.
Филипче заврши со апел за обединување околу европската иднина на Македонија: „Ние немаме друга опција освен заедно да ја вратиме нашата мала држава на европскиот пат и да изградиме подобар живот дома.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден