Филипче: Владата со долгови ја блокира европската иднина на Македонија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро ја критикуваше актуелната влада по најавата за ново задолжување во висина од шест милијарди евра, оценувајќи го потегот како економски неодржлив и политички антиевропски.
„Наместо да ги искористи можностите за неповратни европски грантови, Владата повторно избира кредити, со што ја турка државата во долгови што ќе ги отплатуваат генерации граѓани“, рече Филипче на прес-конференција.
Тој посочи дека поддржува соработка со Велика Британија преку стратешки договори, но дека конкретниот заем е спроведен без транспарентна проценка на приоритетите. „Се поставува прашањето – како пругата север-југ стана највисок приоритет? Никој не објасни зошто се исклучува коридорот 8 и зошто се игнорира рамномерниот развој на транспортната инфраструктура“, изјави тој.
Според Филипче, Владата го запоставува коридорот 8, кој поврзува од исток кон запад и има потенцијал за регионално поврзување со Црното и Јадранското Море. Тој не ја исклучи можноста дека ваквиот пристап се должи на надворешни геополитички влијанија: „Дали некоја трета земја има интереси да го диктира овој правец на развој?“
Најголема негова загриженост, сепак, е што инфраструктурните проекти што во ЕУ се финансираат со грантови, кај нас се покриваат со заеми. Како пример ја наведе Хрватска, која преку партнерски договор со Европската комисија доби 9 милијарди евра неповратни средства за периодот до 2027 година, од кои голем дел се наменети за модернизација на железничката мрежа.
„Во ЕУ има механизми за финансирање кои овозможуваат раст и развој без долгови. Зошто Владата не ги користи?“, праша Филипче и додаде: „Патриотизам не е да земеш кредит што ќе го враќаат децата и внуците, туку да обезбедиш средства што нема да го загрозат фискалниот капацитет на државата.“
Тој заклучи дека вистинскиот проевропски курс подразбира одговорно користење на европските фондови, транспарентна политика и стратешки пристап кон развојот на земјата.