македонија25 февруари 2025 Фон дер Лајен: Русија мора да одговара за злосторствата што ги направи во Украина
Посветеност на ЕУ кон Украина е и ќе остане непоколеблива, бидејќи не е во прашање само правото на Украина да постои како слободна нација, туку и иднината на нашиот европски континент, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на заедничката седница на Колеџот на комесари и украинската Влада.
– Нашата порака е многу јасна. Ги поддржуваме сите дипломатски напори кои ве вклучуваат вас. Ги поддржуваме преговорите кои водат до праведен и траен мир. И ние ќе го поддржиме мировниот договор што ќе ги земе предвид вашите интереси, им порача Фон дер Лајен на украинските претставници.
Таа додаде дека во исто време подеднакво цврста останува и позицијата на ЕУ кон Москва и ќе продолжи засилувањето на притисокот врз Русија и нејзината воена машина.
– Ќе продолжиме да бараме Русија да одговора за многуте злосторства што ги направи. Нема да ја заборавиме Буча, никогаш нема да го заборавиме Мариупол и многу други злосторства. Украина може да смета на нас. И денес го имате мојот Колеџ овде во Киев со вас. Ќе разговараме за сите чекори што ги преземаме за да ја обликуваме нашата заедничка иднина, додаде Фон дер Лајен.
Според неа, не може да има траен мир без правда и затоа е важно да се постигне решавачки напредок во формирањето на Специјален трибунал за кривичното дело агресија против Украина, пред кој ќе одговара Русија.
Фон дер Лајен истакна дека во изминативе три години на војна, уништување и бесмислени човечки трагедии, Украина и целиот украински народ покажаа извонредна храброст и неверојатна издржливост.