28 јануари 2025
• од Гоце Кически
На 1 февруари, сабота, со почеток во 11:00 часот, граѓаните на Струмица ќе се приклучат на протестен марш против енормното загадување на воздухот со ПМ 10 честички. Настанот, кој се организира под мотото „Забрането дишење“, го иницира Еколошкото здружение „Здрава котлина“.
Целта на протестот е да се изрази граѓанското незадоволство поради недостигот од решенија за сериозниот проблем со загадувањето во Струмичката котлина. Во официјалната покана за маршот, организаторите истакнуваат дека Струмица се најде на неславното 7-мо место како најзагаден град во Европа.
Маршот ќе започне од центарот на градот и ќе се одвива низ главните улици, завршувајќи пред зградата на Општина Струмица, каде се наоѓаат канцелариите на инспекциските служби.
– „Пресудно е да се врши јавен притисок. Години наназад чекаме на резултати, а добиваме само полни болници и тажни вести. Време е да се промени состојбата и Струмица да не биде меѓу најзагадените градови во Европа. Ова е граѓански протест, без партиски обележја, кои ќе бидат отстранети од страна на редарите,“ се вели во соопштението од „Здрава котлина“.
Според истражувањето на Лабораторијата при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, согорувањето на биомаса е главниот причинител за загадувањето, со учество од 35% на годишно ниво. Во зимскиот период, овој извор драстично ги надминува дозволените гранични вредности. Сообраќајот е вториот најголем загадувач, додека останатите извори учествуваат со помали проценти.
Екологистите и граѓаните се надеваат дека овој протест ќе биде пресвртница за решавање на проблемот со загадувањето, кое го загрозува здравјето и квалитетот на животот во градот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

