31 март 2025
• од Вардарски
Во времиња кога секојдневно се соочуваме со лоши вести и разочарувања, приказната за Јован Костадинов ни доаѓа како силен зрак на надеж и инспирација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на цела Македонија – симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот, срцето над опасноста.
Јован Костадинов, 19-годишен млад човек од Виница, стана национален херој откако несебично го ризикуваше својот живот за да спаси 21 лице од огнената катастрофа во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Без размислување, без двоумење, Јован се соочи со смртоносен чад и пламени јазици, воден единствено од желбата да помогне и да спаси човечки животи.
Во своето сведоштво, Костадинов раскажува како се обидел да влезе преку главниот влез, но толпата што се обидувала да излезе го спречила. Заедно со неколку други присутни, успеале да ја скршат вратата и започнале со спасувањето. Сцените што ги опишува се потресни – луѓе онесвестени, други со сериозни изгореници, врисоци и паника. Во густ чад, без јасна видливост, тој влегувал и излегувал повеќе пати, извлекувајќи ги оние што не можеле сами да се спасат.
„Почувствував вртоглавица и гадење, но не застанав,“ вели Јован. Дури и кога неговото тело почнало да откажува, неговата волја останала непоколеблива. По херојската интервенција, заедно со уште двајца свесни спасени, бил пренесен во болница каде што добил медицинска помош.
Јован е потсетник за сите нас колку многу може да направи едно дете со големо срце. Тој ја покажа вистинската сила на младоста – не во физичката моќ, туку во моралната храброст и спремноста да се направи вистинската работа, дури и кога е најтешко.
Македонија не само што доби нов херој, туку и нова причина да верува во иднината. И таа причина се вика Јован Костадинов.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

