09 април 2025
• од Вардарски
Вознемирувачки сцени во ОУ „Панајот Гиновски“ во скопската општина Бутел – глувци слободно се движат низ училишните простории, а дел од родителите решија да не ги пуштаат своите деца на настава поради страв за нивната безбедност и здравје.
Откако снимки и информации за глувци во училиштето беа пријавени на ТВ21, репортерскиот тим се упати на лице место да ја провери ситуацијата. На терен, новинарите затекоа неколку родители кои доаѓаа по своите деца, откако биле повикани од наставниците.
„Денеска нема настава?“, праша новинарот. „Не, немало“, одговори родител. На прашањето зошто, следеше нејасен, но загрижувачки одговор: „Вчера виделе глувци и фрлиле отров, не знам… Се дознава што е фрлено тука и гледам дека некои не дошле“.
Друг ученик, прашан зошто не е на настава, кратко одговори: „Најдоа глувци“.
Училишната директорка Благородна Сотиров, и покрај неколкуте обиди да се добие нејзин коментар, остана без одговор. Новинарскиот тим не доби дозвола ниту да влезе во училиштето, ниту да направи снимки, што дополнително ги зголеми сомнежите и загриженоста кај јавноста.
„ТВ21 се обиде да влезе внатре и да ја види состојбата, но не ни беше дозволено да снимаме ниту пак да го посетиме објектот“, извести репортерката од теренот.
По молкот од директорката, медиумите се обратија до градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој изјави дека дезинфекција на училиштето ќе се изврши утре и дека децата ќе можат да се вратат на настава по тоа.
Настанот покрена прашања за хигиенските услови во ова училиште. Родителите кои го пријавиле случајот јавно се пожалија на лошата хигиена и недоволната грижа за безбедноста на учениците, повикувајќи надлежните институции итно да преземат мерки.
Останува да се види дали најавената дезинфекција ќе биде доволна да ја врати довербата на родителите и учениците и дали училиштето ќе преземе долгорочни мерки за подобрување на хигиенските услови.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

