24 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Во јуни, просечната нето плата во Хрватска достигна 1.444 евра, што претставува зголемување од 9,8 проценти или 129 евра повеќе во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Кога ќе се земе предвид инфлацијата, реалниот раст на платите изнесува 5,9 проценти.
Долго време водечкиот раст се бележеше во јавниот сектор, но сега трендот го предводат државните и комуналните претпријатија, заедно со приватниот сектор. Највисоки зголемувања се забележани во секторот за снабдување со електрична енергија (19,4%), водоснабдување (16,7%), преработувачка индустрија, градежништво, трговија, транспорт и забава – сите со раст над 12%.
Највисоки нето примања и понатаму добиваат вработените во воздушниот транспорт – 2.279 евра месечно, додека најниската плата е во производството на облека – 926 евра. Медијалната плата во јуни изнесувала 1.233 евра.
Просечната бруто плата се искачи на 2.008 евра, што е зголемување од 10,4% во номинални и 6,5% во реални услови.
Според податоците на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Хрватска со просечна бруто плата од 1.968 евра во првиот квартал од 2025 година се искачи на третото место меѓу земјите од Централна и Источна Европа.
На прво место останува Словенија со 2.464 евра, а втора е Полска со 2.076 евра. Хрватска ја надмина Чешка, каде просечната плата изнесувала 1.871 евро. Зад нив следат Романија (1.831 евра), Унгарија (1.681 евра), Словачка (1.518 евра) и Бугарија (1.249 евра).
Реалниот раст на платите во Хрватска изнесувал највисоки 7,6 проценти, пред Полска и Бугарија (7%), Романија (6,1%), Словенија (4,9%) и Чешка (3,9%). Единствено Унгарија забележала пад од 0,5%.
„Иако од 2009 година растот на платите во Хрватска беше бавен, во последниве неколку години дојде до значително забрзување, особено по реформата на платите во јавниот сектор во 2024 година,“ објаснува аналитичарката Елизабета Саболек Ресановиќ од РБА.
Минималната бруто плата во Хрватска во втората половина на 2025 година изнесува 970 евра. Највисока е во Словенија – 1.278 евра, а веднаш потоа следува Полска со 1.100 евра.
Во Чешка минималната плата е 841 евро, во Словачка 816 евра, во Романија 797 евра, а најниска е во Унгарија со 727 евра.
Додека регионот бележи значаен раст на примањата, Македонија останува на европското дно. Просечната нето плата во земјава изнесува околу 300 евра – повеќекратно помалку од платите во соседството и без видливи трендови за брзо приближување кон европскиот просек.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

