13 април 2025
• од Вардарски
Коалицијата ВЛЕН има јасна визија и стабилна иднина, без оглед на тоа дали некој од партнерите ќе избере да оди по сопствен пат. Ова го порача лидерот на БЕСА, Биљал Касами, во интервју за Радио Слободна Европа, испраќајќи недвосмислена порака до Арбен Таравари дека евентуалното негово отцепување од коалицијата ќе му донесе политичка штета.
„Народната поговорка вели – ‘тој што ќе се оддели од групата, ќе го изеде волкот’. Верувам дека оваа логика ќе надвладее и дека ВЛЕН ќе остане обединет“, изјави Касами, нагласувајќи дека политичката тежина на коалицијата е далеку поголема од тежината на кој било нејзин поединечен член.
Касами упати и критика кон најавената отвореност на Таравари за соработка со ДУИ, оценувајќи дека таков потег е нерационален и контрапродуктивен.
„ДУИ и Али Ахмети треба да одговараат за 20 години криминал и злоупотреби. Разговори со нив можат да се водат само откако ќе се соочат со одговорност и ќе се реформираат“, истакна тој.
Тој исто така ги отфрли тврдењата дека ВЛЕН ја губи поддршката кај албанските гласачи. Според него, внатрешните анкети покажуваат спротивното – дека коалицијата ужива широка поддршка и има реален потенцијал за заеднички настап и на локалните избори, со кандидати за градоначалници и заеднички листи за советници.
„Ако некој има скриени агенди или цели кои не може јавно да ги каже, тогаш постои ризик да не се договориме“, предупреди Касами, алудирајќи на можните задкулисни планови на Таравари.
Тој откри и дека му биле понудени пет сигурни пратенички места, како и значајна улога на локално ниво, но додаде дека самостоен настап би бил опасен и само би ѝ помогнал на ДУИ да се врати на власт.
Во однос на актуелната иницијатива за преименување на улиците во Тетово, Касами – кој е и градоначалник на градот – објасни дека станува збор за процес што започнал пред две години и има исклучиво практична цел: уредување на урбаната адресна мрежа.
„Во Тетово има населби без имиња на улици. Имаме проблем со доставување документи до граѓаните. Ова е суштинско, а не политичко прашање“, изјави тој, најавувајќи нови јавни дебати со граѓаните. Финалната одлука се очекува до крајот на април, пред официјалниот почеток на изборниот рок.
Со овие пораки, Касами испраќа сигнал за решителност, единство и фокус на реалните потреби на граѓаните, додека иднината на коалицијата ВЛЕН и позицијата на Таравари остануваат под знак прашалник.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

