19 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Нормализирањето на насилството и неговото оправдување е секогаш на директна штета на граѓаните и на нормалноста на целото општество, предупредува Никица Корубин во нејзината најнова анализа посветена на европската солидарност и борбата против бугарофобијата и албанофобијата.
Поводот за нејзината реакција е неодамнешното подметнување пожар на службените возила на бугарската амбасада во центарот на Скопје, настан кој според неа е директен показател за опасностите од константното „хранење“ на антагонизам во општеството.
Осврнувајќи се на инцидентот, Корубин истакнува дека ваквиот напад не е само чин против туѓа држава и прв сосед, чија безбедност е наша државна обврска, туку е удар директно кон интересите на нашата земја, нејзината стабилност и иднината во Европската Унија.
„Тоа е веројатно една од посакуваните цели на она што го нарекуваме ‘колективна апатија’ – состојба на длабока разочараност и недоверба во излезно решение, каде секој индивидуално одлучува, за сопствена психолошка заштита, да ја релативизира и селектира грижата за очигледното варварство,“ посочува таа.
Во текстот се нагласува дека членството во Европската Унија подразбира не само исполнување на критериуми, туку и цивилизирано поведение. Како пример за тоа, Корубин потсетува дека први кои покажаа солидарност со Бугарија по нападот беа амбасадите на Франција и Германија, како и канцеларијата на ЕУ во земјава, исцртувајќи ја „црвената линија“ на прифатливо европско поведение.
Таа ги критикува домашните власти и политичкиот естаблишмент кој „бескрајно ламентира за сопствените чувства и жртви, а брутално ги игнорира и релативизира туѓите.“
Корубин се осврнува и на извештајот на Европскиот парламент, во кој е содржана недвосмислена поддршка за државата, но јасно е нотирана обврската за внесување на Бугарите во Уставот, што е услов за итно отпочнување на преговорите.
Таа потенцира дека поддршката за темелите на државноста е правно сублимирана преку меѓународните договори (Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија), како и Охридскиот рамковен договор, чие суспендирање или прекршување експлицитно се критикува. Во тој контекст, таа го посочува и нотирањето на „илибералниот режим во Србија“ и концептот на „српскиот свет“ како предизвик на кој треба да се одговори преку европска Северна Македонија која ги почитува своите меѓународни обврски.
Актуелните тензии, провокациите во Тетово, медиумските манипулации, присвојувањето на византиското наследство и одбивањето на реалноста базирана на факти, според Корубин, се само кулминација на внимателно градените алатки на омраза.
„Замислете да не постојат албанофобијата и бугарофобијата во јавниот простор; замислете да немаме кого ‘да мразиме’, и да немаме ‘насока’ кого мора да сакаме, што ќе остане? Дали ќе остане чистиот, историски потврден космополитизам, оној уште од Александар Македонски, на ултимативно почитување на различностите? Дали всушност ќе остане она што секогаш требаше да го имаме – европска, цивилизирана, средена, функционална и убава земја? ЕУ и европската солидарност тоа го сакаат од нас, а зарем ние самите сакаме нешто друго?,“ заклучува Никица Корубин во нејзината објава.
Скопје конечно добива три јавни тоалети: Локациите се познати, но не и датумот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

