01 мај 2025
• од Вардарски
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, за време на својата официјална посета на Белград упати сериозно предупредување до српските власти, откако претседателот Александар Вучиќ најави дека ќе присуствува на воениот парад во Москва за 9 мај и ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Кос изјави дека ваквиот потег е спротивен на европските вредности и го комплицира европскиот пат на Србија.
„Дали ќе оди во Москва зависи од него, но ако отиде, ќе имам многу потешка задача да ѝ помогнам на Србија да остане фокусирана на нејзиниот европски пат“, рече Кос на 29 април, пренесе Радио Слободна Европа. Таа посочи дека празнувањето заедно со Путин и руската армија, која води војна во Украина, е „во длабока спротивност со одлуките на Советот на ЕУ“, кој уште во 2022 година ги повика членките и кандидатите да избегнуваат потези што би ја легитимирале руската агресија.
Во тој контекст, Кос додаде и дека не само Србија, туку и другите земји од Западен Балкан мора да ги исполнат своите европски обврски за да не го блокираат регионалниот напредок. Таа изјави дека и невнесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија е сериозен проблем што го загрозува целиот процес на интеграција на Балканот кон ЕУ.
„И посетата на Вучиќ во Москва и застојот во уставните промени во Северна Македонија се дел од пошироката слика – тоа се сигнали дека регионот не се движи напред во чекор со европските очекувања“, нагласи Кос.
За време на првиот ден од посетата, Кос оствари средби со претседателот Александар Вучиќ, премиерот Џуро Мацут и претседателката на парламентот Ана Брнабиќ. На вториот ден, таа положи цвеќе за загинатите во трагедијата на железничката станица во Нови Сад и се сретна со студенти кои протестираат и блокираат десетици факултети.
„Разговорот со студентите беше отворен и емотивен. Им го предадов знамето на ЕУ и тие го прифатија. Тие протестираат затоа што веруваат дека промената е можно, и затоа што ги делат европските вредности“, рече таа.
Кос најави дека при нејзината следна посета ќе организира јавна дискусија со млади луѓе за иднината на Србија во ЕУ.
Србија не отворила ново преговарачко поглавје од декември 2021 година. Според Кос, причините се неусогласеноста со надворешната политика на ЕУ, неподготвеноста да се воведат санкции кон Русија и недоволниот напредок во владеењето на правото и дијалогот со Косово.
„За да се отвори Клутер 3, потребни се конкретни реформи – три медиумски закони, изборен закон и промени во РЕМ. Сето тоа е наведено во ’нон-пејперот’, и добивме уверување од властите дека ќе се работи на тоа. Ние ќе го следиме процесот внимателно“, додаде Кос.
На крајот, таа подвлече дека ЕУ и граѓаните на Србија сакаат исти работи: борба против корупцијата, слободни медиуми, независно судство и демократска власт.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

