15 мај 2025
• од Вардарски
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска пристигна во официјална посета на Скопје, каде што беше пречекан од министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Посетата е дел од неговата балканска турнеја, чија цел е потврда на поддршката на Европската Унија за европската перспектива на земјите од регионот.
Кошта се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, а по средбата порача дека Северна Македонија има европска иднина, но и дека за напредокот на земјата на патот кон ЕУ потребно е исполнување на преземените обврски – меѓу кои и уставните измени за впишување на Бугарите во Уставот.
„Европската Унија ја гледа Северна Македонија како дел од своето семејство, но реформите и исполнувањето на договорените чекори остануваат клучни. Вклучувањето на бугарската заедница во Уставот е важен чекор за продолжување на преговорите“, истакна Кошта.
Министерот Муртезани, кој го пречека Кошта на аеродромот, изјави дека оваа посета е значајна порака на охрабрување за целиот регион. Тој додаде дека Владата останува посветена на европската агенда и дека интеграцијата во ЕУ не е само стратешка цел, туку и вредносна определба.
Кошта, кој претходно ги посети Белград и Сараево, ја користи оваа турнеја за да ја нагласи заложбата на Европската Унија за иднината на Западниот Балкан и потребата од конкретни чекори од страна на земјите-кандидати за забрзување на процесот на пристапување.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

