22 мај 2025
• од Вардарски
Партијата „Преродба“ од Бугарија денеска достави декларација во бугарскиот парламент со која бара итни мерки од Министерството за надворешни работи и државата за случајот со Љупчо Георгиевски, претседател на сега веќе поранешниот Културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола.
Декларацијата беше прочитана од страна на лидерот на партијата, Костадин Костадинов, на почетокот на денешната пленарна седница. Според него, станува збор за уште еден од „многуте политички процеси против Бугарите“ во Република Северна Македонија (РСМ).
Костадинов изјави дека Бугарија мора итно да реагира – најдоцна до крајот на денешниот ден – со конкретни, решителни чекори. Според него, судскиот процес против Георгиевски е „лакмус“ тест за тоа како Северна Македонија ќе се однесува кон Бугарија во иднина.
Тој посочи дека бугарската држава вчера не испратила претставник на судењето во Битола, ниту пак Министерството за надворешни работи реагирало со осуда на, како што ја нарече, „политичката репресија врз бугарски државјани“. „МВнР срамно молчи,“ рече Костадинов.
Во исто време, поранешниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, вчера сведочеше во одбрана на својот сограѓанин и имењак Љупчо Георгиевски. Но, обвинителката го одбила неговото сведочење со образложение дека тој не бил историчар.
Обвинението против претседателот на културниот клуб, според Костадинов, се однесува на тоа што тој јавно цитирал зборови од Иван Михајлов, историска личност и лидер на ВМРО. Дополнително, обвинението било „отежнато“ со тоа што цитатите биле изнесени на книжовен бугарски јазик.
Костадинов изрази незадоволство што бугарската влада, како што рече, не направила ништо за да ги заштити бугарските интереси и заедницата во Северна Македонија. Тој предупреди дека ако во извештајот за напредокот на РСМ во Европскиот парламент не биде споменат овој случај, тоа ќе претставува „геополитички пораз за Бугарија“.
„Судот во Битола ќе се изјасни за осум дена. Дали до тогаш нашата држава ќе продолжи да молчи?“ – праша Костадинов. Тој повика на дипломатска реакција – вклучително и можно повикување на македонската амбасадорка и доставување официјална нота.
Доколку бугарското МНР не реагира, Костадинов најави дека „Преродба“ ќе испрати писма до сите членки на ЕУ и европски институции, барајќи од нив јавно да се произнесат по случајот. Сепак, тој додаде дека таквата иницијатива би имала далеку поголемо влијание доколку потекнува од државата, а не од една парламентарна партија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

