29 мај 2025
• од Вардарски
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, јавно ја одби поканата за средба од министерката за финансии, Гордана Димитриевска – Кочовска, поради, како што вели, задоцнета и неискрена иницијатива која доаѓа откако граѓаните веќе реагирале за клучните проблеми во градот.
Во својата изјава, Костадинов потенцира дека барањето за средба било неприфатливо од неколку причини. Прво, форматот на средбата бил нетранспарентен – министерката предложила средба на која би присуствувал само тој, додека од другата страна би биле советници од ВМРО-ДПМНЕ. „Такви средби со шушкање не прифаќам. Или тет-а-тет, или сите заедно“, порача Костадинов.
Втората причина за одбивање на средбата е, како што тврди, непрофесионалниот однос на Министерството за финансии, кое со месеци не го исплаќа повратот на ДДВ кон Јавното претпријатие за транспорт во Струмица. Тој вели дека овој потег е намерна блокада за да се парализира јавниот превоз во градот и со тоа да се обезбеди политичка тема за ВМРО-ДПМНЕ. „Јас немам намера да бидам инструмент на нивниот ПР“, истакна Костадинов.
Тој нагласува и дека Струмица веќе самостојно го решила проблемот со недостатокот на воспитувачи и негувателки во градинките, што дополнително ја прави средбата беспредметна.
Костадинов жестоко ја критикува и генералната неефикасност на Владата и Министерството: „Задоцнивте со регионалниот пат кај Дабиле кон Бугарската граница, со компјутерската томографија во струмичката болница, со сите проекти ветени за Струмица. Доцните со правдата, а често и ја опструирате.“
Со ваквиот став, градоначалникот испраќа јасна порака дека Струмица нема да чека на формални состаноци со политичка позадина, туку ќе продолжи да ги решава проблемите директно и транспарентно, во интерес на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

