28 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Единицата за насилен криминал – Одделение за семејно насилство при СВР Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против 37-годишен жител на Скопје поради сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста” и „изнуда”. Според информациите, тој подолг временски период ѝ се заканувал на својата сопруга и барал пари од неа.
Судија на претходна постапка му одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Лицето било приведено на 26 септември 2025 година околу 16:50 часот во Скопје, по претходна пријава дека подолг период ја вознемирувал неговата 43-годишна сопруга, упатувајќи закани и барајќи финансиски средства.
Од Обвинителството информираат дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот. Се сомнева дека во последните два месеца тој изнудувал пари, при што телефонски и преку пораки на различни апликации ѝ упатувал сериозни закани на оштетената, која живеела во странство.
Според соопштението, тој ѝ се заканувал со физички напади и врз нејзината мајка и брат доколку не му исплати 15.000 евра. На жената ѝ бил даден рок до 26 септември, а претходно таа испратила 500 евра преку „Вестерн унион“ на 17 септември. Дополнително, било договорено таа лично да му предаде 4.500 евра пред Клиниката за онкологија. Кога оштетената пристигнала во земјава на 25 септември, веднаш го пријавила случајот.
Следниот ден, на договореното место, осомничениот бил уапсен од полициските службеници.
Јавниот обвинител предложил мерка притвор имајќи ги предвид сите околности: можноста осомничениот да избега, да влијае врз сведоците и оштетената, како и ризикот да го повтори делото. Судот го прифатил предлогот и изрекол притвор во траење од 30 дена.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

