26 мај 2025
• од Вардарски
ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д. (51) од кичевското село Србица, поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.
Според официјалните информации, осомничениот, во својство на градоначалник на Општина Кичево во периодот од 2017 до 2024 година, склучил повеќе договори за адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамки на општината постои Сектор за правни работи со 37 вработени, кои имаат надлежност да ја застапуваат општината пред надлежните судови.
Со овие дејствија, Ф.Д. ја искористил својата службена положба и постапил спротивно на повеќе законски прописи, меѓу кои Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, Законот за локална самоуправа, Законот за јавни набавки и Законот за парнична постапка. Исто така, прекршени се и интерни акти на општината, вклучително и Правилникот за систематизација на работните места.
Како резултат на овие постапки, на адвокатите им била овозможена противзаконска имотна корист во износ од 3.938.420 денари, што е приближно 64.000 евра, на директна штета на буџетот на Општина Кичево.
Случајот е предаден на надлежните институции, а истрагата е во тек. Овој случај повторно го отвора прашањето за транспарентноста и одговорноста во управувањето со јавните средства на локално ниво.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

