16 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски излезе со тврдења кои отвораат дебата во врска со македонската историографија и толкувањето на историските документи од периодот меѓу 16-тиот и 18-тиот век. Според него, современите толкувања на одредени македонски историчари се во директна спротивност со заклучоците на изворните собирачи на тие архиви.
Георгиевски посочува дека голем дел од преводите на историските книги биле наменски прилагодувани, нагласувајќи дека во оригиналните текстови самите автори често пишувале „Бугари“.
Во својата изјава, тој посебно се осврна на работата на Александар Матковски, посочувајќи го како еден од главните собирачи на историски документи за Македонија, претежно од германските, односно виенските архиви. Георгиевски упати критика до историчарот Светозаревиќ од Тетово, тврдејќи дека дури 70 проценти од доказите што тој денес ги изнесува за постоењето на Македонци во 16-ти, 17-ти и 18-ти век, се всушност документи кои ги собрал токму Матковски.
„Практично беа собрани од страна на Матковски, само што толкувањето на Матковски беше многу јасно – дека таму кај што пишува ‘Македонци’ има јасен контекст. Или влашко, односно влашко-романски контекст, или грчки контекст“, истакна Георгиевски.
Поранешниот премиер обвинува дека денес тие исти записи се користат за да се конструира поинаков наратив. Според него, Светозаревиќ сите тие термини ги прикажува како доказ за етнички Македонци од тој период, притоа целосно занемарувајќи го научното толкување на нивниот изворен собирач.
„Денеска сите тие Светозаревиќ ги прави како Македонци од шеснаести, седунаести, осумнаести век. Меѓутоа, еве какво толкување имаше нивниот изворен собирач на тие дела“, заклучува тој.
Овие коментари повторно го актуелизираат прашањето за транспарентноста при преводот на старите архиви и начинот на кој терминот „Македонци“ се користел низ минатите векови, во зависност од конкретниот географски и демографски контекст.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

