16 август 2026
• од Темелко Тошев
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, упати остра реакција до српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со неговите неодамнешни претенциозни изјави поврзани со црквата во Македонија.
За разлика од воздржаниот одговор на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) на тврдењата на српскиот претседател дека Српската православна црква (СПЦ) е иста во Босна и Херцеговина, Австралија, Србија и во Македонија, премиерот Мицкоски одговори директно. Тој нагласи дека Македонската автокефална црква е столб на македонскиот идентитет, а изјавите на Вучиќ ги оцени како реторика која припаѓа на минатиот век.
„Македонската православна црква – Охридска архиепископија Јустинијана Прима претставува нешто што е најсветлиот дел од македонскиот православен идентитет. Се разбира, имаме и Македонци кои се од друга вероисповед, не само од православната, но како столб на македонскиот идентитет, МПЦ е нешто над сè за мене како човек. Ваквите изјави немам намера ниту да ги коментирам, ниту пак сакам да навлегувам во дневно-политичка комуникација со настапи кои повеќе му припаѓаат на минатиот век“, изјави премиерот Мицкоски, пренесува Телма.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, по повод одбележувањето на жртвите од хрватската офанзива „Олуја“, изјави дека во СПЦ постоеле „полицентрични идеи“ за федерализација и конфедерализација на црквата, додавајќи дека Српската црква е една и иста во секоја земја во светот.
„Српската црква е иста овде во Мркоњиќ Град, иста е во Пирот, иста е во Сиднеј, иста е во Скопје, иста е во Франкфурт, во Мелбурн и на секое друго место во светот. Затоа и ние мора да знаеме кои се нашите витални национални интереси“, порача Вучиќ.
Вчера, Македонската православна црква одговори на овие тврдења со умерен речник.
„Како легитимна носителка на полнотата на благодатта на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, а воедно и како наследничка на Јустинијана Прима и на возобновената Охридска Архиепископија, МПЦ-ОА ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на нејзината канонска територија, без никакво условување од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност. Христовото Евангелие, вербата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се главна и единствена водилка во дејноста на МПЦ-ОА, и таа ги отфрла сите политички и идеолошки платформи, од каде и да доаѓаат“, се вели во нивната реакција.
Инаку, по повеќе од пет децении раскол, во мај 2022 година се случи историски пресврт кога беа нормализирани односите меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Српската православна црква, што доведе до признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

