10 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на ВМРО – Народна партија, Љубчо Георгиевски, во изјава за ЦИВИЛ Медиа остро реагираше на зачестеното присуство на српски функционери во Северна Македонија и на начините на кои се одбележуваат историски настани со српска димензија во земјава. Според него, ваквите активности претставуваат континуиран удар врз македонската државност и национален идентитет.
Георгиевски потсети дека процесот започнал уште за време на владеењето на Никола Груевски, кога на Србија и било дозволено да одбележува јубилеи од Балканските војни и Првата светска војна на македонска територија. „Сите мислевме дека тоа ќе биде еднократно, но гледаме дека се претвори во традиција“, вели тој.
Тој нагласува дека денес бројот на вакви настани е зголемен – од неколку првично, сега се одбележуваат седум до осум. Настаните често се организираат со официјално присуство на македонски институции, а оваа година некои од нив се поклопиле и со 8 Септември, Денот на независноста на Македонија. „Во еден момент имавме два државни празника во Македонија – прослава на македонската државност и одбележување на српската окупација на Кајмакчалан“, истакна Георгиевски.
Тој остро реагира и на поставувањето спомен-плочи на српски војводи во Македонија, особено во Новаци, за што, како што вели, не е јасно дали има официјална дозвола од властите. „Кога Албанците или Бугарите ќе постават споменик, имаме револуција од реакции. А сега, за споменик на докажан македонски асимилатор, нема никаков проблем“, изјави тој.
Дополнително, предупредува дека на ваквите настани присуствуваат и српски „паравојски“ и ветерански здруженија, што го надминува рамките на културна или историска комеморација.
Георгиевски изразува сомнеж дека постои таен договор со Србија, кој никогаш не бил објавен во јавноста и не бил ратификуван во парламент. „Не знаеме што сме добиле со тој договор и зошто дозволуваме великосрпски шовинизам во Македонија“, нагласува тој, додавајќи дека македонската јавност мора да биде информирана.
На прашањето за улогата на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, Георгиевски изјави: „Иван Стоиљковиќ е докажан борец против македонската државност. Од раните 90-ти беше активен противник на независна македонска држава“. Тој го оцени како „лажен патриот“ кој под маската на национализам работи за српски интереси, со контакти и во Русија и во српскиот дел на Босна.
Георгиевски предупредува дека ваквото делување ја загрозува геостратешката, идентитетската и евроатлантската перспектива на Македонија.
Тој не ја исклучува и одговорноста на актуелната политика на ВМРО-ДПМНЕ, која, според него, повеќе наликува на наследник на четничките структури од минатото отколку на автентична македонска партија.
„Се создава впечаток дека се враќаме на идејата за ‘Велика Србија’, а не за независна Македонија“, заклучи Георгиевски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

