11 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Вицепремиерот и министер за животна средина, како и кандидат за градоначалник на општина Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, категорично ја отфрли можноста за одржување на предвремени парламентарни избори по завршувањето на локалните избори.
Одговарајќи на новинарско прашање, Меџити беше дециден дека целокупниот ангажман на Владата и коалицијата е насочен кон претстојните локални избори и кон реализацијата на владината програма. Тој истакна дека сите шпекулации за предвремени парламентарни избори се неосновани и дека нема потреба од дополнителни политички турбуленции.
„Некој сака да лаже, да го мотивира својот електорат дека ова се локални избори и по локалните избори ќе одиме на парламентарни избори. Мислам дека кога овие луѓе од АКИ ќе ги видат резултатите од локалните избори, ќе заборават на парламентарните избори. Владата има легитимитет, има бројки, има задачи пред себе и нема потреба да правиме дополнителни трошоци за предвремени избори. Изборите ќе бидат регуларни кога ќе бидат закажани,“ изјави Меџити.
Изјавата на Меџити доаѓа само два дена по коментарот на премиерот Христијан Мицкоски, кој не ја исклучи можноста по локалните избори да се организираат и предвремени парламентарни избори. Со тоа, Меџити јавно се дистанцира од ваквите најави, испраќајќи јасна порака дека коалицијата „Вреди“ нема намера да учествува во политички калкулации надвор од предвидениот изборен циклус.
Изјавата на Меџити следи во време кога шпекулациите за можни предвремени избори се честа тема во јавноста. Сепак, тој нагласи дека приоритет на Владата и неговата партија е реализацијата на конкретните проекти и обврските преземени кон граѓаните.
„Фокусот мора да остане на решавање на проблемите на луѓето, подобрување на животната средина и инфраструктурата, а не на политички комбинации,“ потенцираше Меџити.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

