26 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Првиот вицепремиер и актуелен министер за животна средина и просторно планирање, а воедно и кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир, Изет Меџити, денеска на социјалните мрежи се пофали со изградбата на новата џамија во Топанско Поле, иако објектот сè уште не е завршен.
Во објавата на „Фејсбук“, Меџити ја нарече џамијата „најголема во Македонија“ и „споменик на модерна и духовна архитектура“, најавувајќи дека ќе стане центар на верата за илјадници верници. Според најавите, свеченото отворање е планирано за февруари идната година, непосредно пред почетокот на светиот месец Рамазан.
Според информациите што ги сподели Меџити, објектот ќе има капацитет за повеќе од 3.000 верници, со внатрешен простор од 1.500 квадратни метри и уште толку надворешен. Покрај молитвениот простор, џамијата ќе располага и со амфитеатар, 24 канцеларии и подземен паркинг. „Ќе нуди модерни и функционални услови за верниците и посетителите“, напиша тој во објавата.
Сепак, не прецизираше во која функција ја посетил џамијата – како вицепремиер, министер или кандидат за градоначалник – ниту пак појасни зошто нејзината изградба ја претставува како своја лична заслуга.
Ова не е прв пат Меџити да користи инфраструктурни или религиозни проекти во Чаир за сопствена промоција. Од август, повеќе од еден месец пред официјалниот старт на изборната кампања, тој веќе се појавуваше на различни настани и активности во Чаир, често во работно време како носител на високи државни функции.
Таквиот настап отвора прашања за мешањето на државните ресурси со предизборните активности и за транспарентноста на користењето на јавните функции во политички цели.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

