22 април 2025
• од Вардарски
Претседателот на Демократското движење и вицепремиер, Изет Меџити, јавно ја критикува можната соработка на Арбен Таравари со ДУИ, посочувајќи дека ваквиот чекор не е во согласност со принципите на коалицијата „Влен“. Во интервју за ТВ Сител, Меџити истакна дека Коалицијата не се распаѓа, туку напротив – станува посилна и поодлучна во мисијата за промени во албанскиот политички кампус.
„Сите ние сме се обединиле околу идејата за промена, плурализам и борба против корупцијата. Единствено г-динот Таравари избра друг пат – соработка со ДУИ, што директно е спротивно на нашата заедничка платформа“, порача Меџити. Тој додаде дека 107.000 гласови освоени на последните парламентарни избори не биле за поединечни партии, туку јасно против ДУИ и за нова надеж.
Меџити истакна дека Таравари ќе мора да им објасни на своите гласачи како од антагонист на ДУИ, сега се претвора во нивен потенцијален соработник. Според него, тоа е и причина зошто Таравари се спротивставува на процесот на претопување на партиите од коалицијата во една заедничка политичка сила – процес кој, според Меџити, се одвива непречено и со поддршка од сите останати лидери.
На неодамнешна средба во Струга, лидерите на „Влен“ се договориле за нов политички субјект со Централно претседателство од 23 члена, заеднички штабови и медиумски центар. Во наредните десет дена ќе се формира и работна група за решавање на правните аспекти на трансформацијата.
Во однос на тоа кој би ја предводел новата партија, Меџити не ја исклучува можноста тоа да биде ново лице, но и некој од актуелните лидери. Крајната цел, нагласува тој, е создавање силен албански политички блок кој ќе понуди вистински избор наспроти ДУИ – плурализам, борба на идеи и демократски вредности.
Меџити директно порача дека доколку Таравари е навистина определен за соработка со ДУИ, етички би било да ја напушти Владата. „Тоа не се совпаѓа со принципите на оваа Влада, која беше формирана со цел борба против корупцијата и враќање на правната држава“, истакна тој, додавајќи дека ова прашање ќе го постави и на владина седница.
Во однос на изборите, Меџити не гледа причина за предвремени парламентарни избори, бидејќи парламентарното мнозинство од 78 пратеници е стабилно. Тој очекува „Влен“ да биде апсолутен победник на локалните избори и најави дека ќе поддржат и независни кандидати ако проценките го покажат тоа. Притоа ги потенцираше и значајните инвестиции на Владата во општините, независно од нивната етничка структура.
Од другата страна, Централното претседателство на Алијансата за Албанците, предводено од Арбен Таравари, донесе одлука да настапи со сопствени листи на локалните избори. Таравари во интервју за „Стадион“ потврди дека е во комуникација со Али Ахмети и не ја исклучува можноста за соработка со ДУИ во вториот круг. Сепак, одлуката дали ќе остане во Владата ја остави отворена, велејќи дека сè зависи од премиерот.
Со овие изјави, сè појасно станува дека разликите меѓу Таравари и останатите партнери во коалицијата се продлабочуваат, отворајќи ново поглавје во албанската политичка сцена во земјава.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

