Муцунски по средбата со еврокомесарката Кос доби ладен туш: Без Бугарите во Уставот – нема ЕУ напредок
Иако на социјалните мрежи се обиде да ја прикаже својата средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос како позитивен исчекор, Тимчо Муцунски всушност се соочи со јасна и непогрешлива порака од Брисел – без внесување на Бугарите во Уставот, С. Македонија нема да го помине следниот чекор во европските интеграции.
Во својата објава, Муцунски зборува за „заемна посветеност“, „реформи“ и „веродостоен пат кон ЕУ“, но мудро избегна да ја спомене најважната и најнепријатна вистина: преговарачката рамка не се менува и условот за уставни измени останува цврст и непроменлив. Тоа му било ставено до знаење директно од комесарката Кос за време на нивната средба во Луксембург.
Наместо со охрабрување, Муцунски се врати со дипломатски шамар кој ни тој, ни неговата партија не сакаат да го признаат јавно. Наместо искрено да ја пренесе пораката од ЕУ, тој избра да ја разубави реалноста со општи фрази и протоколарни благодарности. Но зад дипломатскиот вел се крие факт што не може да се игнорира: без исполнување на условот за вметнување на Бугарите во Уставот, нема отворање на нови поглавја, нема преговори, нема ЕУ.
Парадоксално, истиот тој услов кој Муцунски сега се обидува да го замолчи, неговата партија остро го негира и го користи како политичко оружје за внатрешни поени. Таа двојна игра не поминува кај Брисел, а уште помалку кај граѓаните кои веќе ја губат трпеливоста.
С. Македонија не може да си дозволи уште една рунда политичка глума и празни флоскули. ЕУ ја има испратено пораката – прашањето е дали нашите политичари конечно ќе се охрабрат да ја признаат пред јавноста. А додека Муцунски и сличните нему бираат тишина пред вистината, европската врата полека, но сигурно се затвора.