06 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Директорот на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, Сашо Најдески, ја отфрли критиката на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој во својот извештај наведе дека во текот на 2023 година биле точени околу 27.000 литри дизел-гориво во возила кои биле технички неисправни, како и 10.000 литри за неевидентирани возила. Според Најдески, тврдењата се неосновани и произлегуваат од игнорирање на релевантната документација од страна на ревизорите.
„Возилата кои се наведени како неисправни во извештајот, во моментот на користење на горивото биле во целосно исправна техничка состојба. Тоа може да се потврди со потврдите од технички прегледи, сообраќајни дозволи, осигурителни полиси и службени извештаи за нивната употреба,“ изјави Најдески за ТВ 24, додавајќи дека не е јасно зошто ревизорите не ја зеле предвид оваа документација.
Во ревизорскиот извештај, ДЗР даде неповолно мислење за објективноста и законитоста на финансиските извештаи на претпријатието за 2023 година. Меѓу главните причини се потенцираат: несоодветно користење на гориво, недостаток на документација, како и исплата на аванси без соодветни процедури.
Ревизорите укажуваат дека повеќе од две децении сметката на „Охридски комуналец“ е блокирана, а претпријатието работи во рамки на месечни лимити определени од државата. Во 2023 година, лимитот изнесувал 16.900.000 денари (околу 275.000 евра). Сепак, долговите на претпријатието продолжуваат да растат.
Дополнително, ДЗР нотира дека подолг период не е направена верификација на мерилата за подземната цистерна за дизел-гориво, што фрла сомнеж врз прецизноста на мерењата при прием и издавање гориво. Не постои целосна евиденција за трошењето на нафтата, ниту документација која би ги оправдала издадените количини.
„Ваквиот начин на прием, управување и издавање на резервата на гориво, како и признавање на трошоците по тој основ, без соодветна документација, укажува на ненаменско и нерационално користење на јавните средства“, се наведува во извештајот.
Еден од другите забележани проблеми е исплатата на аванси на плата по дискреционо право на директорот, врз основа на рачно напишани барања. Најдески признава дека оваа пракса постоела, но тврди дека е веќе укината.
„Во делот на исплаќање на аванс на плата, ве известуваме дека таква пракса постоела во минатото, меѓутоа истата веќе е прекината и не се врши исплата на аванс на плата“, изјави тој.
Според Најдески, и трошоците за гориво за неевидентирани возила се легитимни, бидејќи се работи за возила што во минатото биле доделени на користење на ЈП „Охридски комуналец“ од страна на Општина Охрид.
Извештајот на ДЗР го става „Охридски комуналец“ под сериозно сомневање за финансиска и административна дисциплина. И покрај тврдењата на директорот Најдески за транспарентно и законско работење, останува нејасно зошто значајна документација не била земена предвид од ревизорите. Јавноста и надлежните институции ќе треба да утврдат дали станува збор за административен пропуст или за системска неправилност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

