24 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Скопје ја одби понудата за помош што ја упати Софија во врска со проблемите со мазутот, оценувајќи дека состојбата во моментов е стабилна и под контрола. Ова го потврдија од Министерството за надворешни работи, по телефонскиот разговор меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји.
Како што информираат од МНР, утрово бил остварен телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и неговиот бугарски колега Георг Георгиев. Во разговорот биле отворени прашањата поврзани со снабдувањето со мазут и актуелната енергетска состојба во земјава.
„Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна“, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Истовремено, Муцунски истакнал дека Македонија останува подготвена да ѝ излезе во пресрет на Бугарија доколку таа се соочи со слични предизвици и има потреба од поддршка.
Понудата за помош од Софија доаѓа еден ден откако македонската влада донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, во времетраење од седум дена. Владата тогаш посочи дека мерката е превентивна и има за цел навремено справување со евентуални енергетски ризици.
И покрај прогласената кризна состојба, надлежните институции уверуваат дека нема простор за паника и дека енергетскиот систем функционира стабилно, со постојан мониторинг на состојбите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

