19 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Денеска во кругот на Прилепската болница се случи вистинска драма каква што досега граѓаните ретко виделе: две банди вооружени со пиштоли и ножеви влегоа во вооружен судир, пукајќи среде бел ден во непосредна близина на пациенти, медицински персонал и случајни минувачи.
Сцената потсетувала на акциски филм – вооружени групи со пиштоли и ножеви разменувале куршуми пред очите на вработените и пациентите. Вознемирени граѓани трчале да побегнат, додека вработените во болницата се обидувале да ги заштитат болните. Жителите на околните куќи сведочеле на хорор-сценарио, стравувајќи дека метак може да заврши во нивните домови.
Набрзо на местото пристигнале комбиња полни полицајци вооружени со автомати. Болничкиот круг бил ставен во опсада, а улиците околу болницата блокирани. Според првичните информации, целата акција траела неколку часа, при што полицијата се обидувала да воспостави ред и да спречи понатамошно крвопролевање.
Овој инцидент е само последен во низата: убиства, дрога, поставени бомби, запалени автомобили и вооружени напади станаа секојдневие за прилепчани. Граѓаните се револтирани и велат дека градот живее во постојана неизвесност и страв.
„Што уште треба да се случи за надлежните да сфатат дека Прилеп тоне? Ако не можат да се справат, подобро нека стават катанец на Полициската станица и Општината“, коментираат дел од жителите. Други пак велат дека најдобро решение би било „рампа на Плетвар“, за никој да не влегува и да не ја гледа мизеријата во која живее градот веќе дваесетина месеци.
Случувањата во Прилеп отвораат сериозни прашања за безбедноста и за способноста на институциите да се справат со криминалот. Граѓаните бараат итни мерки, посилна полициска присутност и вистинска стратегија за враќање на мирот и редот во градот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

