18 април 2026
• од Темелко Тошев
Поразот на Виктор Орбан на изборите во Унгарија и доаѓањето на Петер Маѓар на политичката сцена најавуваат сериозни тектонски поместувања не само во Будимпешта, туку и во однос на македонските политички прашања, особено судбината на азилантот Никола Груевски. Новинарката на „Независен“, Слободанка Јовановска, во гостување во емисијата „Трилинг“, анализира дека ерата на Орбан завршува поради изолацијата и економските последици кои ги почувствуваа унгарските граѓани.
Една од клучните пораки на Петер Маѓар беше дека Унгарија повеќе нема да биде меѓународно засолниште за криминалци. Според Јовановска, ова директно го погодува статусот на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.
„Маѓар сака да расчисти со целата политика на Орбан. Во рамките на таа политика спаѓа и азилот на Груевски, што беше актуелна тема во Унгарија. Гледам две можни сценарија: или Груевски ќе си најде нова дестинација, или ако биде испорачан во Македонија, низ правните лавиринти ќе биде ослободен и амнестиран“, смета Јовановска.
Таа додава дека главниот фокус на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде токму негово ослободување од обвиненијата, но нагласува дека неговиот политички капацитет е потрошен. Со оглед на тоа што е на „црната листа“ на САД, Јовановска е скептична дека тој би можел повторно да има релевантна политичка улога.
Според анализата на Јовановска, граѓаните на Унгарија гласале за промена не поради надворешната политика или односот кон Путин, туку поради внатрешната состојба и „празниот џеб“.
Јовановска смета дека македонската Влада не била изненадена од исходот на изборите во Унгарија. Таа посочува дека последната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Будимпешта била внимателно спакувана како „меѓувладина соработка“ за да се избегне директна политичка штета доколку јавно се поддржи губитник.
„На Мицкоски му беше јасно дека Орбан нема да победи и дека за него е личен ризик ако јавно излезе да го поддржи. Владата одамна е соочена со фактот дека Орбан губи и веќе имаат подготвено сценарио за новонастанатата ситуација“, вели таа.
Иако проруските и десничарските сили сè уште имаат свои експоненти како Фицо во Словачка или Радев во Бугарија, Јовановска заклучува дека времето на авторитарните лидери во Европа тешко дека ќе се врати во полн ек. Според неа, примерот на Унгарија покажува дека европскиот модел на демократија и соработката со Брисел сепак остануваат посилен магнет за граѓаните отколку изолационизмот.
Извор: Интервју во „Трилинг“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

