17 април 2026
• од Темелко Тошев
Универзитетскиот професор Ненад Марковиќ оценува дека влијанието на Виктор Орбан во Европската Унија и регионот првенствено произлегуваше од неговата способност стратешки да го користи правото на вето и неговиот изразен прагматичен, трансакционен пристап кон политиката.
„Се знае од каде произлегуваше силата на Орбан – тоа беше ветото. Тој научи кога и како да го користи, често без да се грижи за последиците. И додека ЕУ останува во ваква структура, вакви политичари ќе имаат вакво влијание“, вели Марковиќ.
Во однос на прашањето за унгарското финансирање на медиуми во Македонија, професорот е дециден дека тоа никогаш не било тајна, туку прашање на општествена индиферентност.
„Што инаку ние не знаевме кои портали и телевизии овде Орбан ги спонзорираше? Не знаевме кои фирми беа тоа, каде беа регистрирани и што јавуваа? На никого не му пречеше. Дали знаеме како Орбан ја контролираше информацијата во Македонија? Да, знаеме. И што со тоа? Не требаше Орбан да падне за да дознаеме“, нагласува тој, додавајќи дека разликата во иднина би била само во евентуалното излегување на „валкани детали“ доколку Петер Маѓар одлучи да ги користи тие сознанија како политички левериџ.
Според Марковиќ, очекувањата во Македонија во однос на промените во Унгарија се често прегреани како во „експрес лонец“. Тој не верува дека евентуалното ново унгарско раководство под Маѓар би ги погазило веќе воспоставените економски аранжмани, но остава простор за политички притисоци преку правосудството. Сепак, тој заклучува дека Македонија веројатно нема да биде меѓу приоритетите на новото унгарско раководство, иако интересот за одржување отворени канали на комуникација секогаш ќе постои.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

