19 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Светот се соочува со длабоки и забрзани трансформации кои ќе ја променат структурата на трудот и потребните знаења, а Македонија мора сериозно да се подготви за она што следува, порача извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев, на конференцијата „Градење на иднината – практични вештини за новите генерации“.
Пешев предупреди дека глобалните процеси, особено технолошките иновации, создаваат „цунами во најава“ кое ќе го промени профилот на работната сила, а со тоа и потребите на економијата.
Според него, Македонија веќе нема луксуз да го игнорира фактот дека високото образование мора да претрпи сериозни и неопходни реформи.
„Колку и да звучи непријатно или непопуларно, на Македонија ѝ треба квалитет, а не фабрика за производство на дипломи. Ако по дваесет години реформи во средното образование успеавме 70% од учениците да се запишуваат во стручни училишта, време е нешто слично да се случи и со универзитетите. Во спротивно, ќе останеме со дипломи, но без работа“, истакна Пешев, додавајќи дека ова треба да биде аларм за сите општествени чинители, вклучително и за Владата.
Тој нагласи дека ваква сеопфатна реформа во високото образование досега не сме имале, но таа е неопходна ако сакаме да одговориме на новите пазарни барања.
Пешев посебно го акцентираше растечкото влијание на вештачката интелигенција, која веќе ги диктира новите професии и потребните компетенции.
„Вештачката интелигенција ја споредуваат со огнот: може да биде одличен слуга, но ако не умееме да ја контролираме, може да стане многу непријатен господар. Најголемиот дел од светските мислители предупредуваат дека заостануваме во дефинирањето на нејзиното место во образованието, во работните процеси и во сите сектори каде што веќе е присутна“, додаде тој.
Пораката на Пешев е јасна: иднината на трудот ќе се менува драматично, а Македонија мора да се адаптира многу побрзо отколку досега. Без подобро, поквалитетно и посоодветно образование – особено на универзитетско ниво – ризикуваме да создадеме генерации со дипломи, но без реални можности за вработување во современиот пазар на труд.
Ахмети му честита на Хамза: ПДК е државотворна партија и наследничка на УЧК
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

